Борјан Јовановски: Отворено писмо до премиерот Никола Груевски

Во последниот број, неделникот “Фокус” објави отворено писмо од новинарот Борјан Јовановски упатено до премиерот Никола Груевски.  Раководени од принципот за слобода на информирањето, во продолжение го пренесуваме интегралниот текст од писмото:

ЗОШТО ИНФАНТИЛНО МУ ПОКАЖАВТЕ СРЕДЕН ПРСТ НА ЦЕЛИОТ ЗАПАДЕН СВЕТ?

Почитуван господине Премиер,

Ви благодарам за укажаната чест да и’ посветите на мојата маленкост внимание во Вашето интервју за државната агенција МИА. Да Ви се претставам, јас сум Борјан Јовановски, новинар и по професија, автор и водител на емисјата “Еврозум”.

Знам дека сте презафатени со преродбенички активности и дека секако сум закопан длабоко во Вашата меморија, па еве, да Ве потсетам: тоа е онаа иста емисија, во која Вие сте биле гостин во повеќе наврати. Истата емисија, која Вие и останатите преродбеници прилично ја фалевте, барем во 2005-тата и 2006-тата година, поради тоа што ревносно укажуваше на сите слабости на тогашната власт, релевантни за европските интеграциски процеси.

МЕ БАРАВТЕ ЗА ПОРТПАРОЛ

Јас сум тој истиот Борјан, кој тогаш го каневте на Вашите панел-дискусии, организрани со поддршка на фондацијата “Конрад Аденауер”, на кои отворено говоревме за слабостите на владата на Владо Бучковски. Морам да ви кажам дека Бучковски и Радмила Шеќеринска достоинствено се носеа со тие критики. Не ги сакаа, некои не ги прифаќаа, но исто како и Вашата влада, ниту една информација објавена во таа емисја не успеаја да ја демантираат.

Ниту вие, ниту Бучковски, тогаш не помисливте дека работам по налог на кабинетот на тогашниот комесар за проширување Оли Рен!

Јас сум истиот тој Борјан, кој беше портпарол на починатиот претседател Борис Трајковски, еден од малкуте политичари кои ги познавам, кои со срце и’ се посветија на Македонија. Да, јас сум тој Борјан, кој кога го напушти кабинетот на Трајковски, се сретна со Вас и тогашниот ваш почесен претседател Љубчо Георгиевски, да разговара за Вашата отворена понуда да станам портпарол на Вашата партија.

Разговорот беше мачен, затоа што тешко го поднесував сето она што ми го зборувавте за Трајковски. Во разговорот ни стана јасно на тројцата дека имаме различни видувања за тоа што е ВМРО како идеја и визија. Јас бев горд што му служев на Трајковски и на неговата визија за Македонија, а вие сакавте да ми ја погазите таа гордост.

Инаку, не знам дали знаете, ама тешко беше да се работи кај Трајковски, затоа што во тоа време владееше Бранко, со истата медиумска логистика со која сега Вие се служите, во побрутална и повулгарна форма.

ЗА БРИСЕЛ НЕ СУМ “ПОРАНЕШЕН НОВИНАР”

Сега, би сакал да одговорам на некои од Вашите дилеми покренати во интервјуто за МИА. Мислев да се објаснам во интервјуто за “Дневник”, кое со мене го правеше главниот уредник на весникот. Час и половина раговаравме, ама немав среќа разговорот да излезе на страниците на весникот, барем не до моментов, кога Ви го пишувам писмово.

Тоа што ме нарекувате “поранешен новинар” нема да го коментирам. Нека Ви служи на чест. Впрочем, веројатно знаете и на какви коментари беше изложена таа изјава во меѓународните организации, особено. Ви јавуваат, претпоставувам, вашите амбасадори. Нејсе, вие си знаете за тоа….

Туку, што сум барал јас на таа прес-конференција на Штефан Филе, се запрашавте Вие. Премиере, ако за вас сум “поранешен новинар”, за многу други не сум. Посетете го www.google.com и пребарајте информации за “Еврозум”. Многу резултати ќе ви излезат. Цитирана е емисијата насекаде по регионов.

Всушност, јас функционирам и се движам во еден поширок простор, кој се вика Европа. Договорот за “Еврозум” го добивам неколку години по ред, на транспарентен тендер, со прецизно утврдени правила и критериуми, на кој впрочем можат да конкурираат луѓе од цела таа Европа. Не знам зошто Вашите мегафони никогаш не ми биле конкуренција.

А навистина, би сакал да се натпреваруваме, со идеи. Тоа е натпревар што нема да можат да го добијат, доколку не понудат квалитет. По што, се разбира, согласно губитничката реторика и логиката на Калимеро, ќе се жалат дека “тендерот е наместен”.

Но, да се навратам на вашето прашање. Јас во Брисел бев како дел од еден поголем регионален проект, заедно со колеги од целиот Балкан. Работиме, се дружиме, споделуваме вредности, разменуваме идеи. Ете во каква констелација се најдов јас во Брисел. Не знам, дали тоа го дозволувате.

А сега, другиот дел – како тоа јас сум поставил прашање на прес-конференцијата на комесарот Филе?

Па еве, Премиере, да Ви ја објаснам процедурата. Таму, новинарот крева рака, со што означува дека бара прашање, во мнозинство случаи ја добива таа можност, доколку има време за тоа. Се разбира, новинарот не зема насилно збор и не пцуе, како “Вашиве”, во Европскиот парламент. А логиката на Вашиот кабинет, дека прашања поставуват само оние на кои прашањата им се нарачани, само да Ве информирам – во совремна Европа е непознаница!

Патем, жалам ако грешам, но не ја видов колешката од МИА, која Вие ја плаќате со наши пари, да крене рака и да побара да постави прашање.

Се извинувам ако грешам, но јас таква работа не видов. На Жоро во интервјуто му објаснував малце како одат тие работи со прес-конференциите во Брисел. Белким ќе им го пренесе тоа, да ги подучи неговите млади соработници.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е МОЕТО СЕМЕЈСТВО

Полека доаѓаме до мојот најголем грев, кој го предизвика и Вашиот гнев. Моето прашање за слободата на изразувањето и за владеењето на правото, на кое добив одговор дека “ако Македонија не си ги реши тие фундаметални работи, може да ја загуби препораката дури и ако го реши проблемот со името”. Зошто се чудите, Премиере? Зарем навистина мислите дека можете да ја игнорирате темата за слободата на изразување?

Жоро ме праша она што Вашите мегафони го прогласија во јавноста како аргумент за нивните тврдења дека сум платеник – зошто не сум прашал каде е македонскиот јазик во извештајот.

Премиере, да бидеме сериозни. Настрана, “Мирки, свирки”… Јас сум дете израснато во и од македонскиот јазик. Не знам дали сте запознати дека ПРВИОТ современ македонски роман објавен во Северна Америка и преведен на англиски јазик, го напиша мојот татко Мето Јовановски.

Мојата покојна мајка Мира, пак, ги преведе Жан Пол Сартр, Оноре де Балзак и Антоан де Сент Егзипери (автор на “Малиот принц”), од француски на македонски јазик и со тоа придонесе на исклучително важен начин за развојот на македонскиот јазик. Таа од македонски на француски, исто така, преведе голем дел од нашите поети, афирмирајќи го македонскиот јазик низ целиот франкофонски културен простор. Не е мала работа.

Логика, Премиере, логика…! Зарем мене би можел да не ми е важен македонскиот јазик? Тоа е како да се откажам од семејството!

Мене премиере, растен во вакви околности, одамна ме боли што имаме проблем со македонскиот јазик во извештајот, уште кога тој исчезна во 2009-тата година. Знаете дека претходно редовно и нормално пишуваше “македонски” во сите извештаи на Европската комисија. Ова сериозно треба да нe замисли сите нас и треба отворено да разговараме на темата – што ли тоа се случи македонскиот, за да го снема од извештајот на ЕК?

Треба да ја воспоставиме дијагнозата, па потоа да го пронајдеме лекот. Тоа е можно само во услови на слобода на изразување, во општество во кое се води цивилизирана и транспарентна дебата, особено за вака значајни прашања. Не дебата во која ќе пуштите кучиња да лаат и да касаат по сите оние кои можат да Ве просветлат со поинаков став, од кој целото општество ќе има корист. Ете, затоа го прашав Филе за слободата на изразувањето.

Таа ни е, Премиере, потребна како леб, за да излеземе од вителов во кој сe повеќе тонеме. Без слобода на изразување, нема да мрднеме напред.

ГО ЗБУНИВТЕ ЦЕЛИОТ СВЕТ

Е сега, кога би можеле да дебатираме цивилизарано, јас и би Ви кажал што мислам, зошто исчезна македонскиот од извештајот. На времето, кога живеев во Брисел, имав другар Грк, се вика Фиљос, многу драг пријател, но од Солун, па беше прилично националистички расположен за мојот вкус. Сепак, често разговаравме. Тогаш, на Грците главен аргумент против Македонија им беше дека ние наводно сме имале територијални претензии кон нив!

И тој аргумент, Премиере, не им проаѓаше. Кога разговоров со Фиљос го водевме пред нашите колеги од други држави, тие му се смееја на моево Грче.

Грците беа фрустрирани, бидејќи секој здаворазумски човек се потсмеваше на нивната аргументација дека мала наша Македонија ќе го окупира “Солунско поле”. Елем, помина време, дојдовте Вие на власт, а со се Вас и теоријата дека ние сме тие од кој е настаната белата раса, Македоноидите, наследниците на Александар. Се сеќавате на оној фамозен спот на МТВ?

Е, драги Премиере, тоа е болката. Таа инфантилност, да се прави упад во светската историја и во генезата на западната цивилзација, ги стави сите во одбрана на Грците. Направивте цела конфузија, почна светот да се прашува што тоа ние подразбираме под поимот македонски?

За да Ви стане јасно што зборувам, Ви препорачувам да ја прочитате книгата “Светот на Софија”. Книгата е приказ на историјата на западната мисла, преку една шарманта приказна за патешествието на Софија и на нејзиниот татко низ Европа, Јостен Гарднер, норвешки писател и автор на овој светски хит. Таткото на Софија и’ ја раскажува историјата на западната мисла. Долга приказна… прочитајте ја, ќе Ви причини задоволство. Поентата е дека Гарден патешествието со ќерка му го завршува во Атина, како колевка на хеленизмот, кој светската историја го третира како културолошка матрица на современата западна цивилизација.

Ме разбирате ли сега? Значи, со инфатилностите за антиквизацијата, со покажувањето на средниот прст кон Грција, како што вели Вашиот бивш министер за надворешни, Вие средниот прст му го покажавте на целиот западен свет! Од тој момент ги навредивте и нив, правајќи упад во нивниот вредносен систем. Ги збунивте. Одеднаш, излезе дека ние под македонски не ја подразбираме славјанската автентична култура на која и’ припаѓаме, туку имаме претензија да ја редефинираме светската историја.

ПРИФАТЕТЕ ПОДАДЕНА РАКА ЗА ПОМОШ

Сетете се на она писмо, потпишано од 250 професори по историја од престижни универзитети од целиот свет, во кое Ви обрнаа внимание на овој проблем. Се надевам не го толкувате тоа писмо како дел од Вашите полуписмени обожаватели, дека и тоа е происход на грчкото лоби. Ако е така, одете пробајте Вашето МНР, нека му плати колку сака пари на професор на Харвард, да Ви потпише дека сте во право! Можам да го замислам резилот од еден таков обид на Вашите дипломати. Ќе им ѕвонат ушите од шлаканицата што ќе ја добијат за непристојниот предлог.

Премиере! Ова ви го пишувам најдобронамерно, со верба дека сме барем подеднакво засегнати за нашиот културен идентитет и обајцата подеднакво повредени што македонскит ни го нема во извештајот. Прифатете подадена рака за помош. Дајте како луѓе да разговараме. Не се срамете со писмата до Филе и не си го брукајте министерот за надворешни, кој го брка Филе по ходници во Стазбур. Немало одговор.

Одговорот ни е дома, дајте да си го пронајдеме! СЛОБОДАТА е почетокот на тој процес, кој ќе нe спаси од овој слободен пад во бездната. Затоа, песната која ја снимав со нашиот скромен новинарски бенд, Ви ја посветувам и на ВАС, со искрена верба дека ќе ме разберете што Ви пишувам.

Со почит,
Борјан Јовановски, новинар

П.С. На крајот, имам една молба! Имам три деца. Онолку колку што бараше Преродбата. Оставете ме да работам и чесно да ги изгледам и да ги пораснам, како горди граѓани на оваа држава!

Кратко URL: http://www.zdravo.com.mk/?p=15645

Leave a Reply

Здраво +
Нездраво
друштвено

Паричник



курсна листа