Македонија 5-та во Европа, ќе игра на Oлимписките квалификации
Македонската ракометна репрезентација го освои петтото место на Европското првенство кое се одржува во Србија и со овој пласман си обезбеди учество во квалификациите за Олимписките игри во Лондон.

Попладнево во Белград во натпреварот за 5.место Македонија ја победи Словенија со 28:27. По 0:2 во првите две минути, македонските ракометари направија серија од 5:0 за водство од три голови разлика. Голманот Борко Ристовски со пет одбрани придонесе нашата репрезентација резултатски да се одлепи. Во 25.минута избраниците на Ѕвонко Шундовски имаа и пет голови предност (13:8), за на полувреме да се отиде со резултат 16:12.
Словенците во вториот дел ја превземаа иницијативата и со поагресивна игра во 42.минута дојдоа во водство со два гола разлика. Оттогаш се играше гол за гол, за Македонија на десетина минути до крајот да ја врати разликата од три голови. Последната минута имавме напад и еден гол разлика, но и исклучен играч. Наумче Мојсоски не погоди, шпанските судии им дадоа шанса за изедначување на Словенците, но Борко Ристовски одбрани „зицер“ и ја донесе победата на својата репрезентација.
Покрај најголемиот успех во историјата на машкиот ракомет, од денеска Македонија го има и најдобриот стрелец на едно ЕП. Капитен Кирил Лазаров со 8 постигнати голови стана најефикасен играч во историјата на еврошампионатите. Тој со вкуно 61 гол ги помина Олафур Стефансон (Исланд) и Стефан Лобгрен (Шведска) кои имаа по 57 голови на едно ЕП.
Македонската ракометна репрезентација до петтото место на шампионатот кој завршува в недела, постигна скор од четири победи, еден нерешен резултат и два порази.
Противниците во олимписките квалификации ќе се знаат по завршувањето на ЕП во зависност од тоа кој ќе биде новиот континентален шампион.
Во „Белградска Арена“ денеска ќе се одиграат и двете полуфиналиња. Од 17 часот и 45 минути ќе играат Шпанија – Данска, а од 20 часот и 15 минути Србија – Хрватска.
Слични написи
Кратко URL: http://www.zdravo.com.mk/?p=27943










