Најуспешните компании во Македонија

„Македонски телеком“, „Т-Мобиле Македонија“, „Каменимост комуникации,“, рудник „Саса“ и „Фени Индустри“ се петте најуспешни компании во Македонија за 2010 година.

Според најновата едиција „200 најголеми и најуспешни компании во Македонија“, што беше промовирана денес, „ОКТА“ АД Скопје, „Макпетрол“, „ЕВН Македонија“, „ЕЛЕМ“ и „Фени индустри“ се петте најголеми компании, „Ериксон телекомуникации Македонија“, „Панто груп“, „Кејблтел“, „Кати-ман“ ДОО Струмица и „ИМП“ ДООЕЛ Прилеп се петте најбрзорасечки, додека „ЕЛЕМ“, „ЕВН Македонија“, ЈП „Македонски шуми“, „Македонска пошта“ и „Гранит“ се рангирани како петте најголеми работодавци.

Двестате најголеми компании остваруваат 44,75 отсто од вкупниот приход, а најуспешните 45 проценти од добивката пред оданочување на сите стопански субјекти во земјава.

Честитијаќи им на компаниите кои се вброија во елитното друштво на 200 најголеми и најуспешни согласно вкупниот приход, односно нето-добивката, министерот за економија Ваљон Сарачини напомена дека 2010 година се уште ги имаше симптомите на светската економска криза, забавени инвестиции, намалена кредитна активност и голема несигурност во деловното работење, што особено се почувствува и во македонскиот реален сектор.

„Продолжува поддршката на Министерството за економија кое преку своите стратешки документи, програми, мерки и активности има за цел да го поедностави деловното работење на нашите компании  и да помогне во нивно подобро позиционирање на светскиот пазар“, рече Сарачини во поздравното обраќање.

За обезбедување економски раст, додаде, неопходен е интегриран пристап и имплементација на нови мерки за подобрување на конкурентноста базарина на знаење, иновации, интернационализација, зголемена соработка меѓу компаниите и нивно поврзување со науката.

„Значајна поддршка на приватниот сектор ќе биде обезбедувањето олеснет пристап до финансии преку поволни кредити и кредитни линии, основање разни инвестициски фондови, поддршка за зголемување на извозот“, посочи министерот.

Тој потенцира дека новата четиригодишна Програма на Владата е комплексна и ориентирана кон економски развој, создавање поволна бизнис-клима и зајакнување на економијата преку конкретни иницијативи и проекти со крајна цел – создавање функционална пазарна економија и зголемување на нејзината конкурентност.

Најновото издание на „200 најголеми и најуспешни компании во Македонија“ што традиционално го издава „Еуро-бизнис центар“ – Скопје, освен во Македонија, ги претставува и најголемите и најуспешните компании во Србија и Хрватска.  Едицијата е збогатена и со листи на сите банки и осигурителни компании во земјава.

Рангирањето на компаниите се врши врз основа на официјални финансиски податоци кои дополнети со други елементи ја даваат сликата за вистинската нивна позиција на пазарот. Публикацијата е изработена според методологијата прифатена и верификувана од стручната јавност и во други земји што овозможува компарација на информациите со слични едиции од ваков тип издадени во други држави.

Комплетната листа на најголемите 200 компании во Македонија може да ја прочитате тука.

Кратко URL: http://www.zdravo.com.mk/?p=13342

Leave a Reply

Здраво +
Нездраво
друштвено

Паричник



курсна листа