Предложен нов Закон со кој се дозволува пушење во кафеаните и кафетириите

Ивон Величковски, пратеникот на Либералната партија во Собранието поднесе Предлог на нов Закон за заштита од пушењето.

Не може да се претпостави како ќе заврши предлогот, но, ова е одлична иницјатива за замена на постоечкиот рестриктивен Закон, бидејќи покрај здравјето и правото на слободен избор е едно од најголимите.

Во прилог, интегрално, предлогот на Закон за Заштита од пушењето

Предлагач: Ивон Величковски, пратеник на ЛП

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Со Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија” број 36/95, 70/2003, 29/2004, 37/2005, 103/2008, 140/2008, 35/10 и 100/11) е уредено прашањето на заштитата од пушењето, односно изложеноста од тутунскиот чад во јавни простории.

Сметам дека притоа, со измените и дополнувањата на текстот на Законот од 1995 година наваму, воведувани се се построги правила на заштитата од пушењето кои, особено во делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност и за корисниците на угостителските услуги и за самите пушачи.

Впрочем, правото на здрава животна средина не го ограничува правото на слобода на изборот на пушачите.

Од воведувањето на Законот за заштита од пушењето до денес, а особено од неговите измени од 2008 година, нема релевантни податоци за намалување на заболувањата кои се претпоставува дека се поврзани со пушењето.

Бројот на случаи на кардио-васкуларни и респираторни заболувања, како и лицата со канцерогени заболувања, а особено рак на белите дробови и натаму е во тренд на зголемување и покрај донесувањето на ригорозните законски измени за заштита од пушењето пред пет години.

Тоа значи дека причините за зголемувањето на бројот на овие случаи не може да се бараат само во пушењето, што ригорозните мерки на заштита од пушењето во јавните простории, а особено во угостителските објекти, ги прави излишни.

Законските решенија и нивната примена во земјите-членки и кандидати за членство во Европската Унија исто така укажуваат на разликите што постојат во уредувањето на оваа материја. Франција, Италија, Бугарија, Словенија… на пример применуваат легеслатива слична на постојните решенија во нашата земја. Истовремено, други држави-членки на ЕУ (Австрија, Германија, Чешка, Хрватска…) или земји-кандидати (на пример Србија) имаат далеку помалку ригорозни решенија според кои пушењето во јавни објекти, односно особено угостителски објекти е дозволено на начин уреден со закон.

Имајќи ја предвид и тековната економска криза што сериозно се одразува не само на животниот стандард на граѓаните, туку и на перформансите на економските субјекти, а особено на угостителските претпријатија, ценам дека либерализацијата на законските одредби за заштитата од пушењето може да биде дополнителен поттик за зголемување на економската активност на угостителските претпријатија. Впрочем, угостителските објекти во кои се врши дејноста, согласно модерните стандарди на градба и дејноста што ја извршуваат, во голем дел поседуваат вентилациски системи неопходни за заштита од тутунскиот чад на лицата што престојуваат во нив.

Конечно, постојното законско решение не го уредува правото и потребите на лицата сместени во специфични установи (казнено-поправни домови и арестантски одделенија, во кои лицата сместени во нив уживаат одредени права) или психијатриски установи (во кои неселективното ограничување на правото на пушење може негативно да се одрази врз успешноста на третманот на лицата сместени во нив) и на тој начин упатува или на свесно кршење на законот од нивните основачи или на целосна негрижа на законодавецот за нивните потреби и добробит.

Од овие причини, а имајќи предвид дека постојното законско решение веќе има претрпено седум измени и дополнување, предлагам донесување нов Закон за заштита од пушењето.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Предлогот на Законот за заштита од пушењето се заснова на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и во таа смисла правото на слободен избор на граѓанинот и стопанскиот субјект, но и на правото на граѓанинот на здрава животна средина.

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА.

Предлогот на Законот за заштита од пушењето не предизвикува дополнителни финансиски импликации брз Буџетот на Република Македонија.

IV. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИН НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ И ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

За спроведувањето на предложениот закон не се потребни дополнителни финансиски средства, ниту материјални обврски за одделни субјекти.

ПРЕДЛОГ на ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕТО

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат прашањата за заштитата од изложеноста на тутунски чад, контролата на забраната на пушењето во јавните простории, забраната за рекламирање на производите од тутун и надзорот на спроведувањето на овој закон.

Член 2

Одделни изрази употребувани во овој закон го имаат следново значење:

1.     „Пушење“ е поседување или ракување со запален тутунски производ без оглед на тоа дали чадот активно се вдишува или издишува;

2.     „Тутунски производи“ се: цигари, цигарилоси, пури, тутун за виткање, тутун за луле и другите тутунски производи наменети за пушење согласно законот со кој се уредува производството и прометот на тутун и тутунски производи;

3.     „Тутунски чад“ е чадот што се ослободува од запален тутунски производ;

4.     „ Јавни простории“ се:

-       објекти во кои се врши воспитно – образовна дејност и објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;

-       објектите на здравствените и социјалните установи и просторот што е оддалечен помалку од 10 метри од влезот во објектот на здравствената, односно социјалната установа;

-       затворени и отворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари;

-       затворени простории во кои се одржуваат културни и забавни манифестации, собири и други јавни приредби;

-       простор надвор од деловниот објект, наменет, уреден и опремен за давање на угостителски услуги, кој содржи дополнителна опрема (покриви, ѕидови, стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично), со која просторот се затвора од сите страни со што станува простор од затворен карактер;

-       затворени и отворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари, културни и забавни манифестации, собири и други јавни приредби;

-       средства за јавен превоз на патници (автобус, минибус, такси-возило, жичарница, ски-лифт, авион, воз, како и други видови превозни средства што се користат за јавен превоз на патници);

-       жичарници и ски-лифтови;

-       простории во државните органи, установи и институции и во органите на локалната самоуправа во кои се одржуваат состаноци и средби;

-       заеднички простории во станбена зграда и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон и

-       други јавни простории (сали, канцеларии, работни простории, чекални, ходници и слично).

5.     „Одговорно лице за контрола на забраната за пушење“ (во понатамошниот текст: одговорно лице) во смисла на овој закон е лицето што раководи со работата или извршувањето на дејноста на правното лице во јавниот простор како и сопственикот на просторот, односно на правното лице на кое сопственикот на просторот му го пренел правото на користење и стопанисување со просторот.

Член 3

(1)   Се забранува пушењето во јавните простории под услови пропишани со овој закон.

(2)   Пушењето е дозволено надвор од јавните простории (тераси, летни бавчи и слично), доколку

просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично).

(3)   Под услови утврдени со овој закон, пушењето е дозволено во простории за пушење доколку се опремени со вентилациски систем што овозможува измена на воздухот во:

а)     угостителски објекти во кои се служи храна и пијалок (објекти во кои се произведува, подготвува, служи, продава или консумира храна, интернет-кафиња, кафеани, кафетерии, ноќни барови, кафе барови, кабареа, дискоклубови и пивници);

б)    објекти во кои се сместуваат гости (хотели, мотели, одморалишта, преноќишта и слично);

в)     објектите во кои се организираат игри на среќа;

г)     посебни установи утврдени со овој закон (психијатриски болници, установи каде се сместуваат неподвижни, стари, изнемоштени лица, лица со пречки во развојот и во казнено-поправните домови, арестантските одделенија и затворите);

д)    отворени и затворени трговски центри и

ѓ)     станици за пристигнување и заминување на патници во јавниот превоз.

(4)   Во јавните простории од ставот (2) од овој член, одговорното лице на правното лице ќе истакне знак за забрана на пушењето и ќе обезбеди контрола на забраната на пушењето.

2. ПРОСТОРИИ ЗА ПУШЕЊЕ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ВО КОИ СЕ СЛУЖИ ХРАНА И ПИЕЊЕ

Член 4

(1)   Одговорното лице во угостителскиот објект чија вкупна употребна површина е до 50 квадратни метри и не е во состав на друг простор (трговски центар и слично) може да:

а)     спроведе целосна забрана за пушење во сите простории на угостителскиот објект и

б)    дозволи пушење во сите простории на угостителскиот објект.

(2)   Одговорното лице  во угостителскиот објект чија вкупна употребна површина е над 50 квадратни метри и не е во состав на друг простор (трговски центар и слично) може да:

а)     спроведе целосна забрана за пушење во сите простории на угостителскиот објект и

б)    спроведе делумна забрана за пушење во угостителскиот објект на најмалку 50% од вкупната површина на просторот (маси, пултови, шанкови и други површини на кои се служи храна и пијалок), согласно член 3 став 3 точки а, б и в.

(3)   Доколку просторот на угостителскиот објект од ставот (2) точка б) на овој член, не може рамномерно да се распредели на простор во кој пушењето е забрането и простор во кој пушењето е дозволено, одговорното лице е должно да определи поголемиот дел од просторот, односно масите, пултовите, шанковите и другите површини на кои се служи храна и пијалок и кои се групирани во визуелна целина да ги одреди како простор во кој пушењето е забрането што мора да биде до влезот во угостителскиот објект.

(4)   Одговорното лице е должно во секој простор на угостителскиот објект, односно на секоја маса, пулт, шанк и друга површина на која се служи храна и пијалок, да истакне соодветен знак за забрана за пушење, односно дека пушењето е дозволено, соодветно.

(5) Во случај на нефункционалност на вентилацискиот систем, во угостителскиот објект за сместување гости се применуваат одредбите на членот 3 ставови (1) и (2) на овој закон.

(6) Одговорното лице во угостителскиот објект чија употребна површина е во состав на друг простор (затворен трговски центар и слично) во кој пушењето е забрането, е должно да спроведе целосна забрана за пушење во сите простории на угостителскиот објект.

3. ПРОСТОРИИ ЗА ПУШЕЊЕ ВО ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ ГОСТИ

Член 5

(1)   Одговорното лице  во објектите за сместување гости може да определи соби за сместување на пушачи, најмногу до 40 % од вкупниот капацитет на објектот ако:

а)     со писмен документ точно се определени собите (по кат и број на соба) во кои е дозволено пушењето;

б)    при издавањето на собата, на гостинот му се понуди избор на соба во која пушењето е дозволено или забрането;

в)     на влезната врата на собата и во собата е истакнат знак дека пушењето е забрането, односно дозволено;

г)     воздухот од вентилацискиот систем во собата во која пушењето е дозволено не допира во други простории во кои пушењето не е дозволено и

д)    собата е опремена со вентилациски систем што овозможува измена на воздухот.

(2)   Одговорното лице е должно да ги обезбеди условите од ставот (1) на овој член.

(3)   Во останатите простории во угостителскиот објект за сместување важат одредбите од членот 3 на овој закон.

(4)   Во случај на нефункционалност на вентилацискиот систем, во угостителскиот објект за сместување гости се применуваат одредбите на членот 3 ставови (1) и (2) и (4) на овој закон.

(5)   Одговорното лице може да донесе одлука во угостителскиот објект за сместување гости да нема соби за сместување за пушачи.

4. ПРОСТОРИИ ЗА ПУШЕЊЕ  ВО ОБЈЕКТИ КАДЕ СЕ ОРГАНИЗИРААТ ИГРИ НА СРЕЌА

Член 6

Во објектите каде се организираат игри на среќа се применуваат одредбите од членот 4 од овој закон.

5. ПРОСТОРИИ ЗА ПУШЕЊЕ ВО ПОСЕБНИ УСТАНОВИ

Член 7

(1)   Под посебни установи во смисла на овој закон се подразбираат:

а)     установи во кои се сместуваат неподвижни, стари, изнемоштени лица;

б)    установи во кои се сместуваат пациенти од психијатриски болници;

в)     установи во кои се сместуваат лица со пречки во развојот и

г)     казнено-поправните установи и нивните арестантски одделенија.

(2)   Одговорното лице во посебните установи од ставот (1) на овој член, може да определи простории каде пушењето е дозволено и тоа ако:

а)     со писмен документ точно се определени просториите (по кат и број на просторија) во кои е дозволено пушењето;

б)    на влезната врата на просторијата во која е дозволено пушење е истакнат знак дека пушењето е дозволено, соодветно;

в)     воздухот од вентилацискиот систем во просторијата во која пушењето е дозволено не допира во други простории во кои пушењето не е дозволено и

г)     просториите се опремени со вентилациски систем што обезбедува измена на воздухот.

(3)   Во останатите простории од посебните установи од ставот (1) на овој член важат одредбите од членот 2 на овој закон.

6. ПРОСТОРИИ  ЗА ПУШЕЊЕ ВО СТАНИЦИ  ЗА ПРИСТИГНУВАЊЕ И ЗАМИНУВАЊЕ НА ПАТНИЦИ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

Член 8

(1) Под простории за пушење во станици за пристигнување и заминување на патници во јавниот превоз се подразбираат простории – чекални во автобуски станици во кои се остварува меѓуопштински или меѓународен јавен превоз на патници, воздухопловни пристаништа (аеродроми), железнички станици и чекални на жичарници и ски-лифтови, определени под услови утврдени во овој закон.

(2)   Одговорното лице може да определи простории каде пушењето е дозволено во чекалните од ставот (1) на овој член и тоа ако:

а)     со писмен документ точно се определени просториите (по кат и број на просторија) во кои е дозволено пушењето;

б)    на влезната врата на просториите за пушење е истакнат знак дека пушењето е дозволено;

в)     воздухот од вентилацискиот систем во просторијата во која пушењето е дозволено не допира во други простории во кои пушењето не е дозволено;

г)     просторијата во која пушењето е дозволено е уредена така што од неа не е можен проток на воздух загаден со тутунски чад во друг простор;

д)    површината на просторијата во која пушењето е дозволено не е помала од 10 квадратни метри;

ѓ)     просториите за пушење не заземаат повеќе од 20% од вкупниот простор наменет за чекални;

е)    се опремени со вентилациски системи што физички се одвоени од другиот вентилациски систем и овозможува измена на воздухот;

ж)    просториите во кои пушењето е дозволено не е наменет за премин во други простории.

(3) Во останатите простории од посебните установи од ставот (1) на овој член важат одредбите од членот 2 на овој закон.

(4)   Одговорното лице може да спроведе целосна забрана за пушење во сите простории на станицата.

7. ВЕНТИЛАЦИСКИ СИСТЕМИ

Член 9

Проектирањето, инсталирањето и одржувањето на вентилациските системи на просториите во кои пушењето е дозволено мора да биде спроведено согласно техничките прописи и стандарди со кои се утврдени основните карактеристики на системите за вентилација.

8. ЗНАЦИ ЗА ЗАБРАНЕТО И ДОЗВОЛЕНО ПУШЕЊЕ

Член 10

(1) Одговорното лице е должно да истакне знак дека пушењето е забрането на сите влезни врати на јавните простории утврдени во членот 2 од овој Закон во кои пушењето е забрането, како и на други видни места.

(2)   Одговорното лице е должно да истакне знак дека пушењето е дозволено во просториите во кои пушењето е дозволено под услови утврдени со овој закон.

(3)   Министерот за здравство ги пропишува обликот, димензиите и содржината на знакот со кој пушењето се забранува, односно кога пушењето е дозволено во одреден простор и начинот на кој истите се истакнуваат.

9. ОДГОВОРНО ЛИЦЕ ЗА КОНТРОЛА НА ЗАБРАНАТА ЗА ПУШЕЊЕ

Член 11

(1)   Одговорното лице е должно да ја контролира забраната за пушење во просторот во кој пушењето е забрането согласно овој закон и одговара за спроведувањето на забраната за пушење.

(2)   Одговорното лице може да задолжи едно или повеќе лица вработени во правното лице во негово име да ја контролираат и спроведуваат забраната за пушење.

(3)   Доколку во просториите во кои пушењето е забрането согласно овој закон дејноста се извршува сменски, одговорното лице е должно писмено да определи едно или повеќе лица вработени во правното лице во негово име да ја контролираат и спроведуваат забраната за пушење во секоја смена.

(4)   Одговорно лице во превозно средство со кое се извршува јавен превоз на патници е лицето што го управува превозното средство со кое се извршува јавен превоз на патници.

Член 12

(1)   Одговорното лице од членот 11 на овој закон е должно на едно или повеќе видни места во просториите во кои е забрането пушењето веднаш до знакот за забрана за пушење, да го истакне:

а)     своето име, доколку нема други лица задолжени во негово име да ја контролираат и спроведуваат забраната за пушење;

б)    своето и имињата на лицата задолжени во негово име да ја контролираат и спроведуваат забраната за пушење и

в)     телефонскиот број каде може да се пријави пушењето во тие простории.

(2)   Одговорното лице:

а)     ја контролира и спроведува забраната за пушење во согласност со овој закон;

б)    усмено му наложува на прекршителот на забраната за пушење да престане со пушењето во просторот во кој пушењето е забрането и

в)     доколку прекршителот на забраната за пушење продолжува да ја крши забраната, усмено му наложува да го напушти просторот во кој пушењето е забрането.

(3)   Одговорното лице или лицето задолжено во негово име да ја контролира и спроведува забраната за пушење:

а)     не е должно да преземе мерки за оддалечување на лицето што ја прекршува забраната за пушење и по усмениот налог од ставот (2) точка в од овој член и

б)    должно е во случајот од ставот (2) точки б и в, веднаш да подготви извештај за прекршувањето на забраната за пушење во согласност со овој закон и да ја достави до одговорното лице.

(4)   Извештајот од ставот (3) точка б се чува најмалку шест месеци од денот кога е подготвен и на барање на работодавецот, надлежен инспектор, односно надлежен државен орган мора да даде на увид.

10. РЕКЛАМИРАЊЕ И ПРОДАЖБА НА ТУТУНСКИ ПРОИЗВОДИ И РЕКЛАМИРАЊЕ НА ТУТУНСКА ИНДУСТРИЈА

Член 13

(1)   Се забранува рекламирање (во било која форма на директно или индиректно и надворешно или внатрешно) на цигари и заштитни знаци на цигари и тутунската индустрија:

а)     на јавни места и во јавни простории;

б)    во дневниот, неделниот и месечниот печат, како и во други списанија;

в)     на радио, телевизија и интернет публикации;

г)     по пат на филмски дијапозитиви и филмови;

д)    на паноа, табли и налепници;

ѓ)     на тенди и на чадори за сонце или за дожд;

е)    какви било рекламни материјали коишто можат да се изложат на продажните места (послужавник за враќање ситни пари, разни приврзоци и висулци и слично);

ж)    на објекти и на/во средства за превоз (сообраќај);

з)     по пат на светлечки реклами;

ѕ)     на и во книги, календари, облека и други рекламни материјали и подароци;

и)    промотивни активности: наградни игри, различни видови на промоции, каква било форма на директен контакт и комуникација со потрошувачите (интернет, СМС, промоции, подароци и слично) и

ј)      спонзорирање и донации на спортски, културни, музички, забавни и други јавни приредби и манифестации од страна на претпријатија или други правни лица кои се занимаваат со производство и продажба на тутунски производи.

(2) Тутунските производи можат да бидат изложени на продажните места (киоск, продавница, ресторан и друго) само во оригинални пакувања заедно со стандардната информација за цената.

(3)   Се забранува индиректно рекламирање на тутун и тутунски производи што носат име на тутунски производ, а не се тутунски производ. Како индиректно рекламирање се смета и употребата на лого, букви, знаци, симболи, слогани, место на производство на производот, кои биле користени во врска со тутунските производи во минатото или во сегашноста.

Член 14

Се забранува продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години во прометот на мало.

Член 15

(1)   Се забранува продажба на цигари во објектите кои се сместени во спортско – рекреативните површини.

(2)   Се забранува продажба на тутунски производи на парче (по цигара), продажба преку автомати, места за самопослужување, како и продажба по нарачка.

Член 16

(1) Производителот на цигарите е должен на опаковката да отпечати порака на предупредување дека пушењето е штетно по здравјето.

(2)   Пораките за предупредување од ставот (1) на овој член ги определува министерот за здравство.

11. ПРОГРАМА ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА УПОТРЕБАТА НА ТУТУНСКИ ПРОИЗВОДИ

Член 17

(1) Со цел грижа за здравјето на граѓаните и откривање и сузбивање на ризиците од употребата на тутунските производи, на предлог на Министерството за здравство, Владата на Република Македонија донесува Програма за превенција на употребата на тутунски производи.

(2) Средствата за спроведувањето на програмата од ставот (1) на овој член се обезбедуваат од Фондот за превенција на употребата на тутунски производи што се финансира од правните лица што се занимаваат со производство и дистрибуција на тутунски производи на територијата на Република Македонија.

(3) Фондот од ставот (2) на овој член се основа согласно Законот за тутун и тутунските производи.

12. ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР

Член 18

(1)   Надзорот над спроведување на одредбите од овој закон го врши Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.

(2)   Државниот пазарен инспекторат врши инспекциски надзор во објекти во кои се произведува, подготвува, служи, продава или консумира храна, интернет кафеа, објекти за продажба на непрехранбена стока, превозни средства за линиски и меѓуопштински превоз на патници во патниот и железничкиот сообраќај и над спроведувањето на одредбите од членовите 4 и 5 на овој закон.

(3)   Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши инспекциски надзор во јавни и приватни здравствени установи, социјални установи, во објекти во кои се врши воспитно – згрижувачка дејност (градинки), посебни установи (установи каде се сместуваат неподвижни, стари, изнемоштени лица, пациенти од психијатриски болници, лица со пречки во развојот и казнено-поправните установи и нивните арестантски одделенија) и во објекти и превозни средства во меѓународен јавен превоз.

(4)   Државниот просветен инспекторат врши инспекциски надзор во објектите во кои се врши основно образование, средно образование, високо образование, научни институции, ученички и студентски домови, јавни и приватни воспитно-образовни и згрижувачки установи и игротеки.

(5)   Државниот инспекторат за труд врши инспекциски надзор во органи на државната управа, установи и институции во  органите на локалната самоуправа во кои се одржуваат состаноци и средби, други јавни простории (сали, канцеларии, работни простории, чекални, ходници и слично), објекти и превозни средства во домашниот јавен превоз, жичари и ски-лифтови, затворени и отворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари, културни и забавни манифестации, собири и други јавни приредби.

Член 19

Правните и физичките лица кои произведуваат и вршат промет на тутун и тутунски производи се должни на писмено барање на инспекциските органи да дадат потребни информации за составот на производот, согласно со закон.

Член 20

(1)   Надлежниот инспектор во преземањето мерки согласно со овој закон донесува решенија.

(2)   Против решението од ставот (1) на овој член може да се поднесе жалба до министерот на надлежното министерство во рок од осум дена од денот на добивањето на решението.

(3)   Жалбата против решението од ставот (1) на овој член не го одлага извршувањето на решението.

(4)   Доколку при вршење инспекциски надзор инспекторот утврди дека во јавните простории од членот 2 став (4) на овој закон се пуши ќе донесе решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од седум дена за трговец поединец и 15 дена за правно лице.

(5)   Министерот за здравство го пропишува Правилник за видот и начинот на обезбедување на потребните докази за пушењето и присуство на тутунски чад во просториите во кои пушењето е забрането.

13. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 21

(1)   Глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако постапи спротивно на членовите 3, 4, 5, 6, 7, 8, 11 и 12 од овој закон.

(2)   За прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице,  ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Член 22

(1)   Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице

што пуши во просторија каде пушењето е забрането согласно членот 3 од овој закон.

(2)   Кога државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар ќе утврдат дека е сторен прекршок од членот 22 на овој закон, на сторителот ќе му врачат покана за плаќање на глобата во рок од осум дена од денот на врачувањето на поканата.

(3)   Во случај кога сторителот на прекршок е малолетник, се постапува согласно членовите 33, 34, 35 и 52 од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија“ број 62/2006).

(4)   Ако сторителот на прекршокот од ставот (1)  на овој член не ја плати глобата во рокот предвиден во ставот (1) на овој член, државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд и униформираниот полициски службеник ќе поднесат барање за поведување прекршочна постапака пред надлежен суд.

(5)   Ако сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член не ја плати глобата во рокот предвиден во ставот (1) на овој член, комуналниот редар е должен да поднесе предлог до државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор односно државниот инспектор за труд за покренување на прекршочна постапака пред надлежен суд.

Член 23

(1)   За прекршокот од членот 22 на овој закон, државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар се должни на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за порамнување пред да поднесат барање за прекршочна постапка.

(2)   Кога сторителот на прекршокот е согласен за поведување на постапка за порамнување, државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар составуваат записник во кој се забележуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место.

(3)   Во записникот се утврдува начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторување на прекршокот.

(4)   Државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар можат да му предложат на сторителот надминување на последиците од прекршокот да се стори со вршење или сторување на општокорисна работа во траење од најмалку 12 работни часа или доделување на средства за вршење општокорисна работа што се користат наменски за спроведување на програмата за превенција на употребата на тутунски производи од членот 17 на овој закон.

(5)   Ако сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член, во рок од осум дена прифати, а не врши општокорисна работа или не додели средства за вршење на општокорисна работа, државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд, униформираниот полициски службеник, односно комуналниот редар соодветно ќе поднесат барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд.

(6)   Министерот за здравство го утврдува видот, висината на чинењето на општокорисната работа за секој прекршок одделно, како и начинот на нејзиното извршување во согласност со министерот за економија, министерот за образование и наука и министерот за труд и социјална политика. Висината на средствата наменети за општокорисна работа не може да биде повисока од висината на пропишаната глоба за прекршокот, при што вредноста на еден час општокорисна работа изнесува најмалку 100,00 денари, а најмногу 250,00 денари, во зависност од видот и сложеноста на општокорисната работа.

(7)   Државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор, државниот инспектор за труд, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар се должни да водат евиденција за покренатите постапки за порамнување и за нивниот исход.

Член 24

(1)   За прекршокот од членот 22 на овој закон, државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и здравствен инспектор, државниот просветен инспектор и државниот инспектор за труд може на сторителот на прекршокот да му предложи посредување и постигнување на согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги отстрани последиците од прекршокот.

(2)   Инспекторот од ставот (1) на овој член составува записник за прекршокот, во кој се констатира согласноста на двете страни за покренување постапка за посредување и на него се потпишува и сторителот на прекршокот.

(3)   Постапката за посредување се покренува со доставување на записникот од ставот (2) на овој член до Комисијата за посредување, кој инспекторот е должен да го достави во рок од три дена од денот на составувањето и потпишувањето.

(4)   Постапката за посредување на овој член се води пред Комисијата за посредување формирана од министерот за економија, министерот за здравство, министерот за образование и наука, односно министерот за труд и социјална политика

(5)   Комисијата за посредување е составена од три члена од кои еден ја врши функцијата на претседател. Членовите на Комисијата се избираат од редот на државните службеници вработени во Министерството за економија, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, односно Министерството за труд и социјална политика, од кои еден е дипломиран правник.

(6)   Претседателот на Комисијата е должен постапката да ја започне во рок од 24 часа од денот на доставувањето на записникот.

(7)   Комисијата работи на седница на која задолжително присуствува сторителот на прекршокот, односно негов ополномоштен претставник и државниот пазарен инспектор, државниот санитарен и задравствен инспектор, државниот просветен инспектор, односно државниот инспектор за труд.

(8)   За постигнатата согласност во постапката на посредување се склучува спогодба со сторителот на прекршокот, односно неговиот ополномоштен претставник.

(9)   Во спогодбата од ставот (8) се утврдуваат обврските на сторителот на прекршокот:

а)     висината и начинот на плаќање на глобата;

б)    висината и начинот на плаќање на другите давачки и трошоци и

в)     мерките кои треба да ги преземе сторителот за отстранување на последиците од прекршокот.

(10) Во случаите во кои е постигната согласност во постапката за посредување, глобата на сторителот за сторениот прекршок може да биде намалена за 30%, а најмногу 50% од пропишаната глоба за прекршокот.

(11) Министерот за економија, министерот за здравство, министерот за образование и наука, односно министерот за труд и социјална политика, соодветно, донесува деловник за работа на Комисијата за посредување.

(12) Комисијата за посредување е должна да води евиденција за поведените постапки за посредување и за нивниот исход.

(13)Ако постапката за посредување не успее, се поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.

Член 25

(1)   Прекршочната постапка за прекршоците предвидени со овој закон се води пред надлежен суд.

(2)   Пред поднесување на барање за поведување прекршочна постапка за прекршоците предвидени со овој закон, надлежните министерства од областа на економијата, здравството, образованието, односно трудот и социјалната постапка, соодветно, водат постапка за порамнување согласно Законот за прекршоците.

Член 26

Државните инспектори од членот 23 на овој закон изготвуваат квартални извештаи за утврдените неправилности кај физичките и правните лица и истите ги објавуваат на веб страницата на соодветниот инспекторат.

14. ПРЕОДНИ ОДРЕДБИ

Член 27

(1)   Министерот за здравство ќе ги донесе прописите од членот 10, членот 16 став (2) и членот 20 став (5), во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2)   Министерот за здравство, министерот за економија, министерот за образование и наука, односно министерот за труд и социјална политика, соодветно, ќе ги донесат деловниците на комисиите за посредување од членот 24 став (11) во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(3)   Министерот за здравство ќе ги утврди видот, висината на чинењето на општокорисната работа за секој прекршок одделно, како и начинот на нејзиното извршување во согласност со министерот за економија, министерот за образование и наука и министерот за труд и социјална политика во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 28

(1) Собранието на Република Македонија ќе ги донесе дополнувањата во Законот за тутун и тутунски производи согласно членот 17 став (3) од овој закон, во рок од 90 дена од денот на влегувањето  во сила на овој закон.

(2)   Владата на Република Македонија ќе ја донесе Програмата за превенција на употребата на тутунски производи во рок од 60 дена од денот на донесувањето на дополнувањата на Законот за тутун  и тутунски производи утврдени во ставот (1) од овој член.

Член 29

(1)   Одговорните лица во правните лица во чии простории пушењето е забрането согласно овој закон, се должни да ја применат забраната за пушење во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2)   Одговорните лица во правните лица во просториите во кои пушењето е дозволено согласно овој закон се должни да ја прилагодат својата работа со одредбите на овој закон во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

15. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 30

Со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија” број 36/95, 70/2003, 29/2004, 37/2005, 103/2008, 140/2008, 35/10 и 100/11).

Член 31

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ

I. ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

Со предложениот закон се предвидува уредување на заштитата од пушењето се либерализираат постојните законски одредби за заштита од пушењето, а особено се овозможува пушењето во затворени простории во угостителски објекти што располагаат со вентилациски системи.

Истовремено, со новото законско решение се води сметка и за потребите на граѓаните сместени во одредени специфични здравствени установи (домови за стари и изнемоштени лица, психијатриски установи) или казнено-поправни установи (казнено-поправни домови, арестантски одделенија) во кои лицата се лишени од слобода или од правото на движење до завршување судска постапка. Ова прашање не е воопшто уредено во постојниот закон.

Глава1 – членовите 1 и 2 ја дефинираат материјата на законот и ги објаснуваат изразите употребени во законот. Членот 3 ги дефинира затворените јавни простории во кои важи забраната за пушење, како и јавните простории што не се сметаат за затворени и затворените јавни простории во кои пушењето е дозволено под одредени услови.

Глава 2 – членот 4 ги уредува просториите за пушење во објектите во кои се служи храна и пиење.

Глава 3 – членот 5 ги уредува просториите за пушење во објектите за сместување гости.

Глава 4 – членот 6 ги уредува просториите за пушење во објектите каде се организираат игрите на среќа.

Глава 5 – членот 7 ги уредува просториите за пушење во посебни установи.

Глава 6 – членот 8 ги уредува просториите за пушење во станици за пристигнување и заминување на патници во јавниот превоз.

Глава 7 – членот 9 го пропишува проектирањето, инсталирањето и одржувањето на вентилациските системи.

Глава 8 – членот 10 ги пропишува знаците за забрането и дозволено пушење и нивното истакнување.

Глава 9 – членовите 11 и 12 ги уредуваат одговорните лица за контрола на забраната за пушење и нивните права и должности.

Глава 10 – членовите 13, 14, 15 и 16 го уредуваат рекламирањето и продажбата на тутунските производи и рекламирањето на тутунската индустрија.

Глава 11 – членот 17 ги уредува донесувањето на Програма за превенција на употребата на тутунски производи и Фондот за превенција на употребата тутунски производи од кои се обезбедуваат средства за финансиска одржливост на Програмата.

Глава 12 – членовите 18, 19 и 20 го уредуваат инспекцискиот надзор на спроведувањето на законот.

Глава 13 – членовите 21, 22, 23, 24, 25 и 26 ги уредуваат прекршочните одредби.

Глава 14 – членовите 27, 28 и 29 ги уредуваат постапките и доносителите на пониските правни прописи предвидени со овој закон.

Глава 15 – членовите 30 и 31 ги уредуваат завршните одредби, односно прашањето на престанувањето на важноста на постојниот закон за заштита од пушење и стапувањето во сила на новото законско решение.

II. МЕЃУСЕБНА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ

Решенијата кои произлегуваат со донесувањето на овој закон се меѓусебно поврзани и претставуваат една правна целина.

III. ПОСЛЕДИЦИ ШТО ЌЕ ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА

Со донесувањето на Законот се овозможува пушење во јавни објекти, а особено угостителски објекти. Ова ќе претставува дополнително олеснување за угостителските претпријатија чија дејност значително придонесува за економската активност во земјата. Тоа значи и дека се создаваат услови за посеопфатна поддршка на напорите за развој не само на угостителството, туку и на туризмот како гранка воопшто, особено што тоа е предмет и на бројни кампањи не само во земјава, туку и во странство.

Ова е од особено значење имајќи ја предвид и потребата од поттикнување на личната потрошувачка, која тесно е поврзана и со угостителската дејност. Самата дејност, пак, е една од значајните економски гранки во домашната економија.

На тој начин законодавецот врши адаптација на законските решенија што истовремено го овозможуваат и гарантираат правото на околина незагадена од тутунски чад за корисниците на угостителските услуги кои се непушачи.

Со ова законско решение законодавецот корегира и опфат на специфични социјални, здравствени и казнено-поправни установи, во кои лицата сместени во нив исто така имаат потреби и уживаат права опфатени со овој закон.

Кратко URL: http://www.zdravo.com.mk/?p=63265

Leave a Reply

Здраво +
Нездраво
друштвено

Паричник



курсна листа